Во изданието на „Утрински весник“ од 10ти декември прочитав напис: „Стипендии за Африканци, за нашите нема пари“ и морав да реагирам. Делумно се согласувам со текстот, и немам доволно елементи па да се спротиставувам до дадените аргументи. Она што најмногу ме заинтригира е насловот на текстот што „вришти“ дискриминација. Текстот понатаму не одговара на дадениот наслов но јас ќе се задржам само на тој еден аспект на кој алудира насловот. Авторот (Билјана Јовановска) пишува за условите кои им се даваат на странските студенти со доза на потсмев и критика кон Владата: како таа се осмелува да даде стипендии за странските студенти а домашните не ги ферма. Во ред е дека Владата треба да се грижи за своите студенти, никој не го оспорува тоа. Меѓутоа зошто да не се потрудиме да привлечеме странски студенти? Или тоа што тие се од Африка е елементот што ни пречи?!
Како прво, практиката да се даваат стипендии на студенти од Африка не е измислена вчера. Уште во времето на СФРЈ еден куп студенти доаѓаа во Белград, Загреб па и во Скопје. Голем дел од нив се интелектуалци и еминентни личности во нивните земји и сигурна сум дека со носталгија се сеќаваат на нивните студенски денови поминати тука. Никогаш нема да ја заборавам почитта со која ме гледаше еден студент од Гвинеја Бисау уште при првата средба само затоа што неговиот татко студирал на Балканот и овој имаше израснато со идеалот за Југославија. Со големо зачудување летово ја слушнав веста дека цел еден Мастер за меѓународна екомомија беше отворен во Суми (Украина) само за странски студенти, најголем дел од Африка. Не знам како успеала Украина да привлече толку студенти од Африка, меѓутоа сигурно првиот чекор бил да се дадат неколку стипендии па наредните студенти сами ќе дојдат. Замислете си сега, 10 години подоцна каков економски аспект имаше таков потег за развој на еден мал град како Суми!
Како второ, давањето на стипендии за странски студенти се добро обработена стратегија на секоја земја. Зошто една Влада, која и да е, би издвојувала пари за странски а не за свои студенти? Одговорот е лесен но комплексен: поедноставниот одговор е дека овие студенти не се голем трошок за која и да е држава (дури и за најсиромашната) затоа што парите дадени за тие студенти ќе бидат потрошени на лице место за храна, облека итн. и индирекно ја поттикнуваат локалната економија.
Покомплексниот одговор е чиста меѓународна политика: секоја земја се обидува да се наметне на меѓународен план и бара начини да го стори тоа. Не случајно стипендистите се секогаш врвот и надежда на една земја. Да ја оставиме настрана желбата да се собере најдобриот кадар за развој на една земја – многу е едноставно кога добивате „готов производ“ – некој за кој 16 години сопствената земја вложувала средства да го образува, а после тоа добива стипендија за Мастер во странство и останува да работи таму. Матичната земја е чист губитник во случајот. Но, да речеме дека тоа лице се враќа дома. И таа варијанта му одговара на давателот на стипендијата. Тој млад човек е надежен и има големи шанси подоцна да заземе водечка улога во управувањето на Државата. Се разбира дека во тој случај ќе биде наклонет кон земјата во која студирал. Ако ништо друго ќе го знае јазикот а да не зборуваме за начинот на размислување кој го стекнал во таа земја!
Надворешната политика не се прави само во Брисел или Вашинтон. „Народната демократија“ (people’s democracy) може да биде помоќна од онаа на сите испратени конзули и амбасадори. Трошоците за студирање за една учебна година во западна европска земја изнесува од 10 000 до 50 000 евра. Што се 10 000 евра за една Германија ако после тоа и се гарантира барем трошка поголемо влијание во Регионов?
Како трето и последно, секогаш е полесно да дадеш отколку да земеш: тешко ни е кога од нашиот буџет издвојуваме едвај 5000 денари за 20тина студенти од странство (независно од која земја доаѓаат) а забораваме дека и наши студенти добиваат стипендии за во странство. Тој што мисли дека нема доволно стипендии за македонски студенти се лаже: амбасадите на сите западно европски земји во Македонија даваат по неколку стипендии за студирање, исто и меѓународни невладини организации а за ЕУ да не правиме ни муабет. Никој ни збор не вели што ЕУ ни образува кадар кој потоа можеби ќе работи во наше Министерство или фирма. Полошата варијанта е дека тие студенти нема ни да се вработат во јавна администрација, како што беше случајот со студентите кои беа финансирани преку СЕП од Германија и Холандија (напис во неделникот „Политика“ од 12 декември 2010 год.). Што да каже во случајот еден германски студент ако разбере дека стипендијата што по некоја логика требало да му припадне нему била дадена на македонски студент кој сега не работи работи за јавен интерес?
За крај, ќе споменам само една поговорка која татко ми многу често ја користи а совршено одговара за ова поднебје: „од дрвото, шумата не ја гледаме!“. Дај проширете ги малку видиците! Дајте да смислиме како да привлечеме уште повеќе студенти од Африка, Латинска Америка, Азија и ЕУ. Дајте да го издигнеме македонското образование на ниво што студенти од цел свет ќе се тепаат да дојдат тука. Невозможно? Епа ајде тогаш да го направиме тоа на Балканот! Ако можат Софија, Солун и Приштина да привлекуваат студенти од регионот, зошто не би можеле и ние? Наместо да се разправаме со соседите, дајте да ги придобиеме па и да ги надминеме интелектуално... Визијата е најважна! Гоце Делчев тоа најдобро го знаеше :)
Ивана Димитровска, 14ти декември 2010 година
P.S. Со текстот не сакав да го коментирам целиот гореспоменат текст од „Утрински весник“ туку мислата на која асоцираше насловот. Уште еднаш: насловот и текстот врска немаа еден со друг.
коментари
razvigor 0 поени1 поен2 поени пред 1 година[-]
razvigor 0 поени1 поен2 поени пред 1 година[-]