Текстот објавен во Утрински, со наслов „Интернет-купувањето голем царински грев“, доаѓа како продолжување на темата која ја имаше во постот По кој закон ме цариниш?, во кој напишав дека не ми е јасно како е пресметана царина за една моја онлајн порачка, забуна која дојде како резултат на неколку контрадикторни информации и толкувања на закони.
Написот во Утрински зборува за чудната разлика кај максималните вредности на роба порачана преку Интернет (45 евра) и роба која може да се внесе како личен багаж (175 евра, а наскоро и до 350 евра).
... вредноста на производите за лична употреба за кои не се плаќа царина внесени лично во државата моментално е 175 евра, а кога Собранието ќе и' го одобри барањето на Царината, оваа сума ќе порасне дури и на 350 евра. Вредноста на производи купени преку Интернет без царина, пак, е значително помала.
Како што ни изјави советникот на директорот на царинската управа Ѓорѓи Наумовски при купувањето производи преку Интернет со вредност до 45 евра се ослободени од плаќање царина. За секоја сума над 45 евра се наплаќа единствена царинска стапка од 15 отсто и дополнително 18 проценти ДДВ. Отстапка од ова правило има за компјутери и за делови, за кои не се плаќа царина, туку само ДДВ. „Пратките преку Интернет се сметаат за комерцијални пратки. На овој начин странските компании преку кои купуваат граѓаните би станале нелојална конкуренција на домашните“, вели Наумовски на прашањето зошто е толку голема разликата во царинењето.
Но, реалноста е дека вака обременети со царини и даноци, порачките од Интернет никогаш нема да заживеат, барем не оние кај кои робата се купува од фирма која постои надвор од границите на Македонија. Наместо луѓето да можат да дојдат до поголем избор на стока за широка потрошувачка, од која добар дел е стока која во Македонија и ја нема воопшто, нашата Царина смета дека ако некој го купи најновиот Хари Потер (на англиски) ќе ги пропадне книжарниците, или дека долната облека од Victoria's Secret може да се споредува како конкуренција на гаќите кои се продаваат на пазар? Па дури и да е така, дајте да дишеме слободно, луѓе! Никој не е избран за функција со цел да ми го ограничува изборот во животот.
Написот во Утрински зборува и за начините на плаќање преку Интернет, а има и дел за анкетата спроведена од нашиот Развигор, како и негови мисли за е-трговијата, па ќе препорачам да се прочита во целост.
Линк: Интернет-купувањето голем царински грев (Утрински весник).| Panta Rei | alati.org | pesna.org |
коментари
овде нема ништо