Аааах викенд утро.... има ли нешто поубаво од тоа. Во Димитрова/Феликс-Џорџ кујната во Холандија, викенд утрата вообичаено значат пржени јајца. Ако сакате пржени јајца, ама ви е здосадено од обичните рецепти, еве ви идеја за следнава сабота: јајца пржени во презли. (инспирацијата за јајцата е тука)
Дури не ви ни потребен рецепт. Земете 1-2 парчиња леб, стар ден-два. За 5 јајца јас искористив 2 крајни парчиња. Искинете ги на помали парченца и ставети ги во блендер за да направите свежи презли.
Свежите презли ставети ги во чинија, посолете ги убаво, додајте малку оригано, и потоа полијте ги со 2-3 лажици маслиново масло. Загрејте едно големо тавче, и истурете ги презлите во него. На ниска температура, пржете ги презлите 3-4 минути, со мешање, додека не се заруменат.
Рецептов не сум го пробала со веќе направени суви презли, но вие може да пробате и со такви. Само прескокнете го чекорот со пржење на презлите. Тие веќе ќе бидат доволно заруменети, и одете дирекно на следниот чекор со јајцата.
Додајте уште лажица или 2 масло во тавчето, искршете ги јајцата врз презлите и оставете ги полека, на тивок оган да се испржат. Ако имате капак за тавчето, покријте ги. Ако не сакате течни жолчки, можете и да ги превртите за да се допржат. Ние ги оставивме околу 5 минути, доволно за белката да биде зготвена а жолчката да остане течна и неверојатно вкусна.
Посолете ги јајцата со сол и бибер и уживајте ! А, ако јајца не ви се доволно за целосно уживање, еве го наједноставниот мрзлив рецепт на светот. Обично замрзнато лиснато тесто (во Скопје го има во Веро маркетите), покриено со тенки парчиња јаболко, кои претходно се измешани со 3 лажици шеќер и пола мало лажиче цимет. Испечете ги во загрена рерна на 200 степени, околу 25 - 30 минути.
коментари
sitnoseckano [S] 0 поени1 поен2 поени пред 8 месеци[-]