Вчера си запалив точакот и тргнав по ридовите над Кучково. Убави се местата што ги знам. Имало уште поубави места што не сум ги знаел. Во текот на час и половина возење си пронајдов четири скриени црквички за кои не бев свесен дека воопшто постојат, возев низ една неверојатна борова шума и си пронајдов едно тајно место од каде што се гледаат Свиларе и Кондово. Арно ама....
На твитер ми влетаа со клизачи. Тезата е дека сум бил лицемерен зашто ги користам придобивките на технологијата (патики и облека за трчање), додека во исто време го хејтам рингишпилот на Демек Планина. Имајте на ум дека оваа расправија се одвива во мигот кога и јас и Нечовски сме толку заплеткани во сите кабли од компјутерите околу нас што во секој миг се очекува да станеме Борг и да почнеме да рецитираме - resistance is futile!
Еве каде настанува конфликтот. Погрешната претпоставка е дека јас сум Џон Хенри и се борам против машините по секоја цена. Жичарниците се супер технологија за во зимските центри, за пренос на луѓето од на пример Тетово до Попова Шапка, за да не се блокира претесниот пат, но и во ситуации кога има премногу снег. Арно ама, тамошната жичарница е нефункционална долго време и тоа нема изгледи да се смени. Овде, на рид што сонува да биде планина од едвај илјада метри надморска височина не само што има жичарница, туку има и автобус до Средно Водно, затоа што 20 минути пешки на угорнина се премногу за просечниот скопјанец.
Возејќи вчера накај кучковска околија забележав три-четири деца, на 16-17 годишна возраст. Беа упатени нагоре, исто како мене. Да си помисли човек децава се во животна форма и сега да ги пуштиш без проблем ќе истрчаат маратон. Згора на тоа возат најнови точачиња. Веднаш сe загрижив оти ќе ме посрамат и ќе стигнат горе двапати побрзо од мене. Кога тие, стигнаа до половина на првата угорнина, си се симнаа и започнаа да ги туркаат точаците нагоре. Да беа на Демек Планина немаше да го имаат тој проблем. Ќе платеа да ги закачат на рингишпилот и ќе можеа на раат да се спуштат одозгора....
Порано, кога одев да трчам Водно, гледав деца што се мачеа да се качат до врвот. Задишани, препотени, полни со надеж прашуваа - уште колку има до горе? Убава глетка - децата станале од пред компјутер, се извлекле од кревет во сабота наутро, пред 8, за да се раздвижат. Појдете сега видете колку од нив ќе продолжат да се качуваат пеш. И до кога? Лека-полека ќе станува нормално да се качиш во автобусот со број „Милениумски крст“, да чекаш ред на Средно Водно пола саат или подолго, да влезеш во рингишпилот и горе, близу до врвот да даваш изјава за МТВ колку е убаво Скопје прекриено со смог.
Искрено ги жалам луѓето кои мислат дека поентата на искачувањето на планина е стигнувањето на врвот за да можеш да се сликаш за на фејсбук, а не во патот кој си го изминал, напорот што си го вложил за да стигнеш до таму. Целта без патувањето е само еден чекор поблиску до создавање нација мрзливци.... Ќе ви стане јасно за што зборувам по 10 години, ама тогаш ќе биде предоцна за да се стори нешто!
коментари
овде нема ништо