На училиште сите петстотини момчиња сакаат да излегуваат со десетте анорексични девојчиња... Лошо сум расположена, а наставниците ми велат да бидам среќна и да се смеам...
Зошто се повеќе девојчиња стануваат плен на депресијата, имаат проблем со апетитот, зависноста и се обидуваат да извршат самоубиство?
Прекрасен пример за тоа како функционира психата на денешните млади адолесценти насекаде низ светот. Овој роман претставува комплетен извештај за сите проблеми и комплекси што ги мачат речиси сите млади девојки, кои токму во адолесцентскиот период трагаат по совршенството, нанесувајќи си психолошки товари кои влијаат погубно по личноста.
Авторката, инаку клинички психолог дава потресен и луциден извештај извршен во периодот на деведесеттите години на минатиот век, проучувајќи ги младити пациентки кои побарале психилошка помош која им била неопходна заради различни тешкотии низ кои поминале. Книга која треба да ја прочита секој родител за да знае што се случува со неговата ќерка, низ какви психолошки состојби поминува, за полесно да го сфати периодот на адолесценцијата, период во кој се изградува личноста, стабилна и самоуверена.
Пајфер дава примери за девојки кои ги мачат најразлични душевни состојби како булимија, анорексија, депресија, во компакт сите болести на денешницава предизвикани од надворешни фактори, како медиумите, пишаните и електронските, зашто девојките трагаат по наводно совршенство кои го попримуваат од сите глобални и влијателни модни списанија.
Во самиот наслов се крие скриена симболика која можеме да ја протолкуваме и перцепираме во согласност на самата содржина на книгата. Имено, овде станува збор за Шекспировата Офелија – млада и неискусна жена која е несигурна во себе и која е тотално заслепена од љубовта спрема принцот Хамлет. Таа го заршува својот живот фрлајќи се во река и ѝ дава предност на смртта пред животот. Авторката преку насловот дава јасна порака дека младите девојки треба да станат свесни за тоа што се, за својата личност, да го стават својот живот пред сè, да се грижат за себеси, да не бидат толку наивни и лековерни зошто тоа во некои случаи може лошо да се одрази врз нив.
Книга која ќе ве стави во ситуација на размислување, која е наменета не само за родителите ами и за сите девојки кои сакаат да знаат што се случува со нив, книга која истовремено ќе ве просветли и која ќе го промени вашето мислење .
Јас, откако ја прочитав сфатив дека не треба да се потчинуваме на општествените норми, да не попримуваме сè што ни се сервира во секојдневниот живот, дека треба да бидеме различни, секој на свој начин да биде оригинален зошто далеку подобро е кога сме свои и без комплекси, одошто да се преправаме во тоа што не сме .
коментари
овде нема ништо